Барселона и официјално потврди дека повредата на Марк-Андре тер Штеген е сериозна и голманот ќе паузира најмалку осум месеци. Тоа значи дека сезоната за него е завршена, а Барселона ќе мора да ангажира нов голман. Со оглед на тоа дека се работи за сериозна повреда, Kаталонците ќе може да регистрираат нов голман, иако преодниот рок е завршен.
Четириесет и едногодишниот Клаудио Браво летово се пензионира, а сега најави дека доколку е потребно, може да ѝ помогне на Барселона.
„Ако Барселона ме сака, подготвен сум да се вратам од пензија и да ја одиграм и оваа сезона“, порача Браво.
Сепак, голманот само пред еден месец ја критикуваше токму Барселона и рече дека се мал клуб, па сега тоа може да му биде најголем проблем.
„Секогаш говорам дека Барселона работи како некој мал клуб. Тие се гиганти во светот на фудбалот, но внатре се многу мали. Секогаш ги гледате истите луѓе. Имате фудбалери, персонал, три или четири обезбедувачи, кувар и уште некој. Во светот Реал и Барса се најголемите клубови, но вистината е дека Барселона е таква само од надвор, а внатре сликата е различна“, рече Клаудио Браво кога се пензионираше.
Клаудио Браво во 2014 година направи трансфер од Реал Сосиедад во Барселона, а во 2016 си замина и се пресели во Манчестер сити.