Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром на одличен начин ја стартуваше новата сезона во АБА 2 лигата. „Штрковите“ на домашен терен го совладаа црногорскиот тим Теодо од Тиват со 68-50, најавувајќи дека имаат капацитет за високи дострели.
МЗТ Скопје Аеродром имаше водство и контрола на резултатот во текот на целиот натпревар. Првиот период го доби 21-13, а на полувреме замина со двоцифрена предност (35-24).
Третиот период заврши 15-15, но во последната четвртина кошаркарите на МЗТ додадоа гас и на крајот славеа со убедлив триумф.
Најефикасен во тимот на МЗТ Скопје Аеродром беше Војдан Стојановски со 13 поени, а еден помалку постигна Марко Баковиќ. Кај Теодо немаше ниеден кошаркар со двоцифрен поентерски ефект, а Петар Кусовац беше стрелец на девет поени.