Квотите не му се сојузници на Пелистер за дуелот со Динамо Букурешт во ЛШ (Фото)

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер е подготвен за денешниот нов дуел од Лигата на шампионите. Тимот на Бранислав Ангеловски утрово го одработи последниот тренинг и се запозна со условите во салата Поливалента пред денешниот натпревар против Динамо Букурешт (18.45 часот), во третото коло од Лигата на шампионите.

По првите две кола битолчани немаат освоено бодови. Загубија на гостувањето во Париз против ПСЖ, а потоа беа поразени и од Фуксе Берлин на домашен терен.

Динамо Букурешт ги победи Фредериција и Висла Плок, екипи кои се релативно од вториот квалитативен ешалон и исто така се без бодови во досегашниот дел од сезоната во ЛШ.

Според коефициентите, Динамо Букурешт е голем фаворит, но тренерот Бранислав Ангеловски изјави дека тимот нема да се штеди за дербито против Вардар во Скопје, кое следува за три дена.

„Пред нас е важна недела во која му гостуваме на сериозен противник во ЛШ, тим од Романија кој има 8-9 милиони евра буџет. За оваа екипа играат ракометарите кои во минатото настапуваа за Барселона, па не е случајно што имаат две победи по првите две средби. Во Букурешт дојдовме со желба да го дадеме максимумот, без разлика што неколку дена подоцна играме со нашиот најголем ривал Вардар во првенството. Нема да се штедиме, ќе се надигруваме со Динамо и ќе се обидеме да ги изненадиме ако ни се укаже шанса“, изјави тренерот Бранислав Ангеловски.

Дуелот од ЛШ против Динамо (вечерва во 18:45 часот) за Пелистер доаѓа три дена пред дербито од домашното првенство со Вардар во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести