Кошаркарите на Работнички имаа неславно враќање на меѓународна сцена и настапот во АБА-2 лигата го започнаа со убедлив пораз на домашен терен од Сутјеска. Претставникот на Црна Гора во Скопје победи со 58-71, иако победата можеше да биде и далеку поубедлива.
Гостите уште на почетокот од мечот најавија дека во Скопје се дојдени по победата, а тоа го покажаа и на теренот. Првиот период им припадна на кошаркарите на Сутјеска со 16-22, а во вториот екипата на Работнички успеа да постигне само пет поени, наспроти 15-те примени за негатива од 21-36 на полувремето.
Предноста на гостите продолжи да расте и во третата четвртина, сè до убедливи +26 во финишот на периодот, односно 33-59. Последната четвртина ја доби Работнички со 22-10 и така го направи поразот поподнослив.
Дамјан Робев со 13 поени беше најефикасен во редовите на Работнички, додека Јовичиќ уфрли еден поен помалку. Во победничката екипа најпрецизен беше Вебстер со 15 поени.