Пари Сен Жермен останува лидер во француското првенство откако синоќа со 3:1 славеше над Рен, во меч од шестото коло. За Светците ова беше петта победа, а имаат и само едно реми.
Херој на мечот беше крилниот офанзивен играч на ПСЖ Бредли Баркола, кој постигна два гола. Баркола погоди по еднаш во двете полувремиња и не остави никаква надеж на Рен дека може да се врати непоразен од ова гостување.
По средбата, тренерот на ПСЖ, Луис Енрике ги нападна новинарите кои во изминативе неколку дена го критикуваа Баркола поради слабите игри и поради фактот дека немаше постигнато гол во последните три средби.
„Кажете ми еден играч кој во историјата на фудбалот играл добро на секој натпревар. Ова е напорно, многу е напорно. Посебно кога се работи за млади играчи. Нема смисла ни кога критикувате играчи од 30 години, а да не збориме за овие од 20 или 20 и нешто години. Денеска баркола ви е Господ, а вчера ви беше ѓавол. Ве молам малку да го подигнете нивото“, рече Енрике по победата над Рен.
Баркола кој има само 22 години е прв стрелец во француското првенство со шест погодоци од исто толку натпревари.