За една недела, на 8 октомври ќе биде ставен крај на една блескава фудбалска кариера, заминувањето во пензија ќе го објави Шпанецот Андрес Иниеста.
Иниеста, кој на Шпанците им ја донесе првата и засега единствена светска титула во 2010 година, во најголем дел од кариерата носеше дрес со бројот 8 на грбот, па затоа и датумот 8 го одбра за објава на повлекувањето.
Тој освои сè што може еден шпански фудбалер да освои, од Лигата на шампионите (четири пати) до шпанската лига (9 пати), па до Шпанскиот куп и Суперкупот, Европскиот суперкуп, Светското клупско првенство, а со репрезентацијата беше и светски и европски првак (двапати).
Иниеста најголемиот дел од својата кариера го помина во Барселона, за чиј прв тим играше помеѓу 2002 и 2018 година. По заминувањето од Барса, Иниеста шест сезони играше за јапонскиот Висел Кобе пред да се пресели во ОАЕ во август минатата година.
https://twitter.com/i/status/1841022051420709315