Панчев: Интер е фаворит, но Италијанците добро се сеќаваат на поразот од Македонија…

Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев, поранешен играч на Интер и на Црвена ѕвезда, ги искажа своите очекувања за вечерашниот натпревар во Лигата на шампионите меѓу овие два клуба, опишувајќи ги како „две славни екипи со долга и богата традиција и историја“.


Според него, и покрај тоа што Интер е во подобра позиција, фаворитот не секогаш победува во фудбалот. Панчев го посочи примерот со победата на Македонија над Италија во баражот за Светското првенство 2022.

„Интер и Црвена ѕвезда се две славни екипи со долга и богата традиција и историја. Оттаму нивниот дуел секако предизвикува голем интерес. Јасно е дека Интер во моментот е фаворит, но во фудбалот секогаш не победува фаворитот. Мислам дека за вас во Италија и нема поголем пример од триумфот на Македонија во баражот за Светското првенство во Катар“, изјави Дарко Панчев за италијанските медиуми.

За Интер, Панчев вели дека е еден од десетте најголеми клубови во светот, но во последните дваесет години значително ја променил својата игра. Тој смета дека Интер е сериозен кандидат за титулата во Лигата на шампионите и главен фаворит за титулата во Серија А.

Во врска со напаѓачите, Панчев посочува дека тимовите на Гвардиола и Анчелоти ги вреднуваат улогите на „деветките“ и ја наоѓа сличноста со Диего Милито, кој беше клучен во победничката сезона на Интер во Лигата на шампионите 2010, и со Ерлинг Халанд, кој го донесе Манчестер сити до трофејот.

Во однос на Црвена ѕвезда, Панчев е горд што клубот по дваесет години редовно е дел од групната фаза на Лигата на шампионите, иако нивниот финансиски статус не дозволува да ги задржат најдобрите играчи. Според него, клучни фигури за тимот се капитенот Иваниќ и младиот талент Максимовиќ.

- Оглас -

Најнови вести