Полскиот голман Војќех Шченсни денеска треба да потпише договор со Барселона, а синоќа од ложата го следеше мечот на Барса со Јанг бојс и додека гледаше, веројатно одвај чека да дојде моментот кога ќе го стави потписот на договорот.
Шченсни летоска објави дека става крај на кариерата, но повикот од Барса го премисли и тој пак ќе застане меѓу стативите за да го брани голот на гигантот барем до крајот на сезонава.
Полјакот се запозна со некои од своите нови соиграчи, како Кристенсен, Араухо, Фермин Лопез, Олмо, кои се повредени и исто така средбата ја следеа од ложата.
Секако, Шченсни е задоволен од виденото, тимовите за кои тој бранел во ЛШ никогаш на 68 негови настапи немаа победено со пет гола разлика. Додуша еднаш Арсенал во 2011 година имаше триумф од 6-0 против Брага, но Шченсни ни тогаш не бранеше.
Сметајќи ги сите натпреварувања, тим на Шченсни нема постигнато пет гола на еден натпревар уште од 2016 година, кога тој беше играч на Рома. За седум години во Јувентус, Старата дама ниту еднаш не приреди ваков фестивал за себе и за своите фанови.