Алкарас и Синер одиграа маратонски меч, на крајот Шпанецот го освои трофејот во Пекинг

Јанис Синер и Карлос Алкарас уште еднаш покажаа дека се најсветлата тениска иднина откако одиграа феноменално финале на турнирот во Пекинг. Речиси три и пол часа траеше финалето, а на крајот, по огромна борба, на трофејот се радуваше Алкарас.

Во првиот сет Алкарас водеше со 5:3, сервираше за да го добие сетот, но Синер направи брејк и потоа се избори за 6:6, а во тајбрејкот, Италијанецот беше подобар со 8:6 и поведе со 1:0 во сетови.

Алкарас не се разочара по загубениот сет, па во вториот одигра одлично на свој сервис без грешка, а успеа да направи еден брејк, па го доби сетот со 6:4, изборувајќи се за решавачки трет сет.

Третиот сет беше речиси копија на првиот. Алкарас водеше со 3:1, Синер израмни на 4:4, па потоа стигнаа до 6:6 и мораше да се игра тајбрејк. Е тука, за разлика од првиот сет, кој го доби Синер, овојпат Алкарас беше подобар со 7:3 и на тој начин младиот Шпанец стигна до трофејот.

За Алкарас ова беше четврти трофеј сезонава, а вкупно 16-ти во кариерата. За Синер ова беше петти пораз во финале, па интересно е дека сега и двајцата тенисери имаат биланс од 16 победи и пет порази во финалните дуели.

По ова финале во Пекинг, Синер ќе остане лидер на АТП-листата, додека Алкарас ќе го прескокне Зверев и сега Шпанецот ќе биде на второто место.

 

- Оглас -

Најнови вести