Реал Мадрид и Баерн Минхен се најголемите изненадувања во Лигата на шампионите, но во негативна смисла, откако загубија од Лил, односно Астон вила со идентични 1-0. За разлика од нив, според планот одиграа Ливерпул и Јувентус, кои победија против Болоња, односно Лајпциг, а изненадувачки е и високиот пораз на Атлетико Мадрид кај Бенфика со 4-0.
„Кралевите“ беа шокирани на гостувањето кај Лил со 1-0, со гол од пенал кој го постигна Џонатан Дејвид во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме, а со ист резултат загуби и Баерн Минхен на гостувањето во Бирмингам. Единствениот гол за Астон вила беше дело на Џон Дјуран во 79-тата минута.
Ливерпул рутински и со чисти 2-0 ја совлада Болоња на домашен терен. Алексис Мекалистер погоди во 11-тата минута за водство на Црвените од 1-0, а конечните 2-0 ги постави Мохамед Салах со вистински еврогол во 75-тата минута.
Динамо Загреб направи од готово – вересија откако не успеа да ја задржи предноста од 2-0 против Монако и на крајот мораше да се задоволи само со бод. Сучиќ и Батурина донесоа водство за загрепчани, но Монако успеа да остане непоразен со головите на Салису во 74-тата и на Закарија од пенал во 90-тата минута.
Јувентус и со играч помалку успеа да направи пресврт и да победи со 2-3 на гостувањето кај Лајпциг откако во 59-тата минута голманот Ди Грегорио беше исклучен при резултат 1-1. Нашиот Елиф Елмас не доби ниту минута во екипата на Лајпциг и мечот го следеше од клупата за резерви.
Резултати:
Астон вила – Баерн Минхен 1-0
Бенфика – Атлетико Мадрид 4-0
Динамо Загреб – Монако 2-2
Лил – Реал Мадрид 1-0
Ливерпул – Болоња 2-0
Лајпциг – Јувентус 2-3
Штурм Грац – Бриж 0-1