Тренерот на Баерн Минхен, Венсан Компани, филозофски го прифати поразот (1-0) од Астон вила во Лигата на шампионите. Според него, овој пораз не е крај на светот, но од друга страна, тој сака неговите играчи да извлечат поуки од поразот и да не ги повторуваат истите грешки.
„Ако треба да бидам објективен, сметам дека добро го започнавме натпреварот и имавме силни 15 минути, но постепено ја загубивме динамиката. Потоа, имав чувство дека опасноста може да дојде од каде било. Сепак, не им дозволивме многу големи шанси на противниците“, изјави Компани.
„Второто полувреме беше подобро. Го контролиравме натпреварот, создадовме одлични шанси. Ги имавме нашите можности, но не успеавме да ги реализираме“, додаде Белгиецот.
„Загубивме и треба да извлечеме поуки од овој пораз. Овој пораз нема да го реши турнирот, така што треба да гледаме напред. Кога ја поседувавме топката, бевме опасни, но тие се силен тим, а тука не се игра лесно. Не мислам дека одигравме лошо“, заклучи тренерот на Баерн Минхен.