Менаџерот на Астон вила, Унаи Емери, не ја криеше својата радост по победата над Баерн Минхен (1-0) во Лигата на шампионите. Според него, вакви моменти не се случуваат секој ден и затоа сака тој и фудбалерите целосно да уживаат во нив.
„Среќен сум за сите поврзани со Астон вила, тренерите, навивачите, сопствениците, сите вработени. Сите заедно ја споделуваме радоста во вакви денови, кога играме на вакво ниво во Лигата на шампионите против Баерн Минхен и успеваме да победиме. Најважно беше како ќе се бориме на натпреварот и како ќе го спроведеме нашиот план за игра. Ние им даваме енергија на навивачите, кои потоа ни ја враќаат назад. Се обидовме да создадеме одлична атмосфера на ‘Вила парк’ и сакам целосно да уживаме во овие момент“, изјави Емери.
По оваа победа, Астон вила има максимален ефект од 6 бода во ЛШ, а сега им претстои натпревар против Болоња.
„Имаме шест бода и тоа е важно. Сепак, ни преостануваат уште шест натпревари и 18 бода за кои ќе се бориме. Треба добро да се подготвиме за нашиот следен натпревар против Болоња тука и да продолжиме со ова темпо. Можеме уште повеќе да го подигнеме нивото и да ги зголемиме барањата за тимот. Но, најпрво треба да мислиме на натпреварот в недела, кој ќе биде голема битка овде на ‘Вила парк’. Сакам да гледам постојаност во нашите изданија“, додаде менаџерот на Астон вила.