Милијана Рељиќ ја направи Македонија горда на ЛОИ во Париз, а сега состави тикет во хуманитарни цели (Фото)

Еден од спортовите кој ги одбележа последните години со сигурност е теквондото. Корејска боречка вештина за која веројатно малкумина имаа слушнато пред Олимписките игри во Токио и сребрениот медал на Дејан Георгиевски. Сепак, овој спорт денес е еден од најпопуларните индивидуални спортови во Македонија, а по патот на Дејан Георгиевски тргна и Милијана Рељиќ, македонската олимпијка која го обели образот на Македонија на Олимпијадата во Париз.

Мила Рељиќ можеби не освои медал, но успеа да ја совлада светската и олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија, а со тоа и да ја направи Македонија горда. Победа еднаква на медал од ЛОИ, но оние вистинските медали допрва се очекуваат од Рељиќ.

„Напорно трениравме прво за да дојдам на Олимписките игри, а потоа и за самиот настап во Париз. Ние уште пред Олимпијадата знаевме која е мојата противничка, дека се работи за голем фаворит, искусна таеквондистка и медалистка од Европски и Светски првенства, како и од претходните Олимпијади. Заедно со мојот тренер, Александар Ефтимов, подготвувавме тактика, се подготвував не само физички, туку и психички бидејќи во таеквондото ако си само физички подготвен, а не и психички, тогаш веројатноста е голема дека ќе загубиш. Не оставивме ништо на случајот, а тоа го покажав и во Париз, со елиминацијата на големата фаворитка. Во второто коло загубив, одлучуваа нијанси, но секако дека сум задоволна од она што го прикажав.“ – вели Милијана Рељиќ.

Дваесет и едногодишната олимпијка сега има нова цел пред себе. Настапите на силните турнири носат бодови за пласман на Светското првенство и на следните Олимписки игри, а целта е токму пласманот на овие натпреварувања.

„Во моментов се подготвувавам за настапот на Гран-при турнирите, кои се најважните за собирање поени за настап на Светското првенство и на следната Олимпијада. Тоа ќе ни биде главната цел за оваа година. Месецов ќе учествувам на Г1 турнир во Холандија, се надевам дека уште од овој турнир ќе започнам со собирање бодови за светската ранг-листа“, додава Рељиќ.

Мила Рељиќ сега напорно тренира за да стигне до пласман на следните Олимписки игри во Лос Анџелес, а со борбите кои ги прикажа не само во Париз, туку и на турнирите од светска класа покажа дека таму со сигурност ќе биде една од фаворитките за олимписки медал.

„Желбата за наредната Олимпијада ми е да одам со исполнета А норма или како медалистка од Европско или Светско првенство. Напорно работиме за тоа и целта ми е повторно да ја направам Македонија горда. Можам да ветам напорна работа и зошто да не и медал од Олимписките игри во Лос Анџелес“, најавува Рељиќ.

Една од најважните алки за голем успех секако дека е и тренерот. Александар Ефтимов е задолжен за подготовката на Милијана Рељиќ и како што вели, желбата е медал од Лос Анџелес.

„Милијана Рељиќ е фанатик и екстремно посветена на овој спорт, затоа и направи толку големи успеси. Тренира 10 пати неделно, исклучиво здраво се храни и внимава на секој оброк дали внесува здрави намирници. Ги следи сите натпревари и сите натпреварувачки со каква тактика се борат и кои техники ги користат. Има огромна желба и талент и верувам дека ќе освои медал на следните Олимписки игри 2028 во Лос Анџелес“, вели тренерот на Рељиќ, Александар Ефтимов.

Милијана Рељиќ и Александар Ефтимов составија тикет во Sport Life кој ако биде добитен, средствата ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Во продолжение тикетот на Мила и Александар.

- Оглас -

Најнови вести