Со натпреварот ТФТ – МКК Куманово кој почнува во 13 часот, стартува новата, 33-та по ред првенствена сезона во најсилното клупско кошаркарско натпреварување во нашата земја, Првата лига.
Денеска во СРЦ „Кале“ ќе има тројна програма. Прво играат ТФТ и Куманово, па новиот прволигаш Шкупи со Тони Симиќ како тренер е домаќин на првакот МЗТ Скопје Аеродром, а на крај Работнички ќе го нагости Феникс 2010. И утре се играат три меча од првото коло и тоа Вардар – Гостивар, Тиквеш Голден игл – Пелистер и Чаир 2030 – Кожув.
МЗТ Скопје во сезоната влегува како најсериозен кандидат за титулата, вратени се назад репрезентативците Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, нови странски кошаркари се Брендон Слај, Милош Копривица и Дион Едвин, и тимот на хартија е посилен од лани.
Пелистер со тренерот Александар Петровиќ ќе атакува на ново финале, тука е и најтрофејниот Работнички кој има нови странци и направи неколку домашни трансфери.
Новина е името Тиквеш кој го „испрати“ Еуро Никел 2005 во историјата, кавадарчани ќе пробаат да влезат во плејофот, Гостивар донесе искусни домашни поединци како Дарко Соколов и Ненад Зивчевиќ, а нови членови на елитната дивизија во оваа сезона се екипите на МКК Куманово и Шкупи.
Се чини дека доста респектабилен ростер имаат кумановци. Освен оној играчки „костур“ од ланската сезона, шефот на струката Марин Докузовски ќе има уште подолга ротација, особено ако се знае дека во Куманово дојдоа докажани играчи како Антабиа Волер, Тадија Тадиќ, Александар Радукиќ и Урош Луковиќ.
Во сите тимови има нови странци и можни се изненадувања, останува да се види кој се засилил најдобро, кој колку може, но повторно МЗТ и Пелистер делуваат најстабилно и се први кандидати за титулата.