Дуелот од Лигата на нациите помеѓу Србија и Швајцарија, кој ќе се игра во Лесковац на 12 октомври, ќе биде под посебна опсервација и засилени мерки за безбедност затоа што гостинската селекција е предводена од Гранит Џака, кој во минатото ги има провoцирано Србите.
Родителите на Џака се од Косово, а Гранит кога играше против Србија на последните две Светски првенства, знаеше да ги провоцира противниците со покажување на албанскиот орел на СП 2018, за што доби и казна, а имаше и физички конфликт на Мундијалот во Катар 2022.
Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ, не очекува провокации од Џака.
„Верувам дека луѓето го знаат тоа минато и провокациите. Апелирам играта да се одвива во ферплеј, однесувањето на трибините да биде на високо ниво, како и однесувањето на играчите. Тие работи треба да се заборават и да се фокусираме на фудбалот и играта. Не се плашам, сите се свесни дека е сосема апсурден и непотребен секој обид за каква било глупост. Џака е голем играч, многу го ценам, многу години покажува светска класа кога е играта во прашање, мислам дека нема да има никакви проблеми“, изјави Стојковиќ.