Светски познат хирург даде мрачна прогноза за повредата на Дани Карвахал

Д-р Пабло Гелбер, признат експерт во хирургија на повреди на колено, сподели загрижувачка информација за случаи слични на новата тешка повреда на Дани Карвахал. Според него, речиси во половина од ваквите повреди, фудбалерите не успеваат да го вратат своето претходно високо ниво на игра.

Изминатиот викенд, одбранбениот играч на Реал Мадрид претрпе сериозна повреда – скинати лигаменти во десното колено. Сега Карвахал го очекуваат операција и долги месеци на рехабилитација.

„Во неговиот случај не би зборувал за период на закрепнување пократок од 12 месеци. Потоа, тој треба да го врати нивото што го имаше пред повредата. Ако зборуваме за суви факти, процентот на спортисти кои ја враќаат истата форма не е поголем од 50-60%“, изјави д-р Гелбер во интервју за „Марка“.

Според докторот, клучно е каков вид операција ќе се изврши, а тоа зависи од повеќе фактори. Вообичаено, во вакви случаи хирурзите чекаат 3-4 недели додека првичното воспаление не се намали.

Многумина веруваат дека пренатрупаниот календар на натпревари е причина за зголемениот број тешки повреди. Сепак, д-р Гелбер тврди дека тоа не е случај со повредата на Карвахал.


„Да, логично е да се мисли дека повеќе натпревари носат повеќе повреди. Тоа е едноставна математика. Но, конкретно во случајот со Карвахал тоа не е така. Овде станува збор за тежок удар во коленото, кој може да се случи во кој било момент“, објасни докторот.

- Оглас -

Најнови вести