Некогашниот европски ракометен првак Вардар вечерва, по пауза од две години, повторно се враќа на меѓународна сцена. Црвено-црните на домашен терен го пречекуваат исландскиот Валур во првиот меч од ЕХФ Европската лига. Ова е второ по ранг европски натпреварување на ЕХФ, а освен Валур, во група со Вардар се и германски Мелсунген и екипата на Порто.
Домашниот терен и поддршката од публиката треба да бидат дополнителен мотив за Вардар да стигне до триумф.
„По пауза од две години, повторно се враќаме на европската сцена. Имаме добра група. Овој прв меч ќе има посебно значење бидејќи сметам дека противникот е по мерка. Станува збор за екипа која има брзина и транзиција како главно оружје, но сметам дека ние сме фаворити на овој меч. Играме дома и имаме одлична позиција со победа да ја отвориме сезоната и да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави вардарецот Лазаревски.
Дуелот започнува од 20:45 часот, во салата „Јане Сандански“.