Некогашниот играч за врска на Барселона и на шпанската репрезентација, Андрес Иниеста, од денеска и официјално е во фудбалска пензија. Легендарниот играч, чија кариера траеше 24 години, емотивно со солзи во очите ја одржа прес-конференцијата, на која истакна која е неговата најголема фудбалска желба по пензионирањето.
„Ве молам, дозволете ми да бидам малку емотивен. Никогаш не помислив дека ќе дојде овој ден. Никогаш не ни замислував. Сите овие солзи кои деновиве ги пролив, се знак на гордост. Не беа тоа солзи за тага. Тоа беа солзи на она момче од малиот град Фуентеалбила кој сонуваше да биде фудбалер и по многу напорна работа, многу вложен труд, тоа му се исполни. Никогаш не се откажував“, рече Иниеста.
Фудбалерот кој светската слава ја стекна играјќи во дресот на Барселона откри дека би сакал еден ден да стане тренер на каталонскиот гигант.
„Уште не сум бил ниту на првото тренерско предавање, уште сум далеку од такво нешто. Моментално се надевам дека Ханси Флик ќе остане долго време во тимот, што би било знак дека работите во клубот ќе бидат добри. Сепак, еден ден би сакал да се вратам во Барселона“, додаде Иниеста.