Вардар реши да казнува и суспендира двајца дефанзивци

Пред почетокот на новата фудбалска сезона, од Вардар имаше оптимистички најави дека тимот ќе се бори за висок пласман, но по првите девет одиграни кола, ситуацијата на табелата не е како што посакуваа. Вардар освои само седум бода од девет мечеви и е на претпоследното место на табелата. Единствено Воска е зад Црвено-црните, кои уште не можат да влезат во посакуваниот ритам.

Одбраната е најголем проблем на тимот кој досега има примено 19 гола (повеќе од два примени гола на меч) и единствено Воска со 20 примени погодоци има послаба дефанзивна линија.

Токму затоа, од Вардар, клубот во којшто фудбалерите имаат услови за работа и тренинг каков што немаат најголем дел од прволигашките екипи, решија да почнат со суспензии, а први ќе настрадаат двајца фудбалери од одбраната.

Српскиот стопер Дејан Ѓуриќ и искусниот Владица Брдаровски заработиле суспензија поради слабото залагање на фудбалскиот терен на последните неколку мечеви. Вардаровата одбрана посебно беше очајна на последните две средби кога прими дури осум гола (4:0 против Шкендија и 4:1 против Струга), а токму Ѓуриќ и Брдаревски требаше да бидат столбови во одбраната, која беше очајна.

Овие суспензии за двајцата играчи доаѓаат откако претходно комплетниот тим бил казнет со 30 отсто од последната плата поради лошите резултати.

А малку фалеше наместо казни, фудбалерите да делат и премии. Откако беше победен Тиквеш во Кавадарци, следуваше дуелот против Силекс во Скопје, а ако Црвено-црните славеа над кратовци, ќе имаа да поделат премија од 20.000 евра. Но, Вардар тогаш загуби со 0:1 на свој терен.

За жал на многуте симпатизери на Вардар, кај играчите досега не помогна ниту финасиската мотивација за добивање премии со освојување повеќе поени во низа, ниту промената на тренерите. Токму затоа, следен чекор во Вардар за да се разбудат фудбалерите и да почнат да играат на потребното ниво и да постигнуваат позитивни резултати е санкцијата и суспензиите.

Викендов кој следува нема да има возбудувања во Првата лига бидејќи на распоред се репрезентативните дуели. По завршување на репрезентативните обврски, следен предизвик на Вардар ќе биде дуелот против Беса на гостински терен на 20 октомври.

Натпреварот против Беса ќе биде и прв за Вардар откако клубот доби нов газда, кој сега е сопственик на 85 отсто од акциите.

 

- Оглас -

Најнови вести