Хрватската фудбалска репрезентација утре ќе игра против Шкотска на меч од Лигата на нации. Дуелот се игра на „Максимир“ во Загреб, а интересно е дека во составот на гостите ќе брани 41-годишниот Крег Гордон. Тоа значи дека капитенот на Хрватска, Лука Модриќ кој во последно време навикна да е најстар играч на теренот, сега ќе биде две години помлад од Гордон.
„Го знам од порано. Многу е важно за него што уште се натпреварува. Убаво е да се знае дека некој на теренот ќе биде постар од мене“, коментираше Модриќ со насмевка на лицето.
Гордон има 74 настапи за репрезентацијата на Шкотска, а моментално брани за шкотскиот прволигаш Хартс. Врвот во кариерата му беше кога бранеше во Премиер лигата за тимот на Саутемптон. Додека Гордон бранеше таму, Модриќ играше за Тотенхем.