Четири мечеви од второто коло на кошаркарската Прва лига на Македонија се играат денеска во рамките од второто коло, а дербито е во Битола, каде Пелистер во салата „Боро Чурлевски“ од 18:30 часот е домаќин на МЗТ Скопје Аеродром. Овие два тима веќе играа сезонава и тоа во финалето на Суперкупот, а актуелниот првак славеше со 78:64, со што ја продолжи низата од пет победи по ред во дуелите со ривавлот од Битола.
Пелистерци за денеска како адут ќе го имаат домашниот терен, а еден од најискусните во редовите на Зелено-белите, Александар Костоски е оптимистички расположен.
„Подготвени сме да одговориме на предизвикот на овој натпревар. МЗТ е одлична екипа која многу добро знае што сака во својата кошарка, има јасно дефинирани принципи и ние ќе мораме да одговориме со дисциплинирана игра. Мора да се има сериозен фокус и концентрација во еткот на сите 40 минути ако сакаме да дојдеме до посакуваната цел“, вели Александар Костоски, еден од лидерите на таборот на Пелистер оваа сезона, кој очекува ова да биде поразличен дуел од тој во Суперкупот.
„Мислам дека ова ќе биде сосема поинаков меч од Супер-купот, иако и таму имавме многу добри моменти, пред се во првото полувреме.Во меѓувреме одигравме два добри натпревари, ги совладавме Широки и Тиквеш и ќе имаме уште поголема самодоверба. Покрај тоа, играме на домашен терен, пред наша публика и сигурно дека ќе влеземе со огромна желба, енергија и мотивација за да стигнеме до важна победа кога е во прашање домашното првенство. Сигурно дека дуелите на овие две екипи се најквалитетни во нашето првенство неколку години наназад, затоа ги повикувам нашите навивачи да дојдат во што поголем број, да ни дадат поддршка и да уживаат во уште еден добар меч“, истакнува плејмејкерот на Пелистер.
Во останатите мечеви денеска ќе играат: Гостивар – ТФТ Скопје (18 ч.), МКК Куманово – Тиквеш (18 ч.) и Шкупи – Работнички (19:30 ч.).