Хрватска многу потешко од очекуваното ја совлада десеткуваната Шкотска, која на „Максимир“ дојде без дури 12 фудбалери. Крамариќ е херојот кој погоди за 2-1, а ВАР системот во 94-тата минута им поништи гол на шкотите.
После натпреварот новинарите во микс зоната земаа изјави од фудбалерите, но никаде го немаше Лука Модриќ. Хрватската легенда се појави дури после два часа, а новинарите се уште беа тука и го чекаа. Сепак, имаше објаснување за ваквото каснење, бидејќи Модриќ беше задржан од допинг-контролата.
„Уште немам завршено со допинг-контролата, но дојдов само поради вас, да не чекате предолго.“ – им се обрати Модриќ на хрватските новинари кои стрпливо чекаа.
Потоа Модриќ го прокоментира и натпреварот против Шкотска.
„Тежок натпревар. Шкотите уште еднаш покажаа дека се тврд орев за нас и дека тешко играме против нив. Добро влеговме во мечот, а потоа малку се забавивме. Второто полувреме беше добро, но последните 10 минути непотребно се повлековме и им дозволивме да ни направат шанси. Најважни на крајот се трите бода.“ – рече Модриќ.