Можни состави: Милевски принудно менува во одбраната, Ерменците со стандарден тим

Фудбалската репрезентација на Македонија по триумфот (0-3) во Рига допатува во Ереван со една цел, да остане непоразена и на тој начин да го задржи првото место во групата по овој октомвриски мини циклус од Лигата на нации. Во ноември треба да биде полесно, затоа што Македонија двата меча ќе ги игра пред домашна публика, против Фарски Острови и против Летонија.


Селекторот Благоја Милевски повторно има главоболки, и повторно поради повреди на фудбалерите. Висар Муслиу се повреди против Летонија и не е подготвен за настап, а и Стефан Ашковски чувствува мали болки во бутниот мускул. Поради ова, речиси комплетно ќе биде променета одбранбената линија.


Во стартниот тим треба да влезат Ѓоко Зајков и Никола Серафимов, а Бојан Димоски ќе се пресели на левата странична позиција. Во четворката пред Столе Димитриевски треба да остане само Јован Манев на својата позиција.


Во средниот ред се чини дека нема да има промени. Сите одлично ја одработија задачата против Летонија, а Давид Бабунски треба повторно да добие шанса пред Димитар Митровски, затоа што ни е потреба неговата креативност, во тандем со Енис Барди и со Елиф Елмас. Од позадина одлично делуваат Јани Атанасов и Исник Алими.


Во нападот местото е резервирано за Бојан Миовски, а на голот е неприкосновениот Столе Димитриевски.


Селекторот на Ерменија Олександр Петраков нема да менува ништо околу тимот, но најави дека пристапот на неговите фудбалери ќе биде многу поразличен.

На Ерменците им е потребен убедлив триумф, за да ја прескокнат Македонија на врвот на табелата.

Најавите се дека ќе бидат агресивни и напаѓачки ориентирани, но, сепак, со формација 4-4-2, во која Миранјан и Зеларајан се најблиску до голот на противникот.


Мечот меѓу Ерменија и Македонија се игра од 18 часот на стадионот „Вазген Саргсијан“ во Ереван, а ќе го суди Англичанецот Стјуарт Атвел.

- Оглас -

Најнови вести