По завршување на репрезентативните возбудувања, во викендот што следи ќе продолжат дуелите од националните првенства. Реал Мадрид ќе гостува кај Селта Виго во натпревар на кој Лука Модриќ ќе постави еден рекорд.
Весникот „Марка“ открива дека Модриќ на дуелот против Селта Виго ќе игра со 39 години и 40 денови и така ќе го сруши рекордот стар 58 години на Ференц Пушкаш. Легендарниот голгетер на Реал од пред шест децении, во дресот на Кралскиот клуб последен пат играше со 39 години и 36 денови, што значи дека ако Модриќ настапи в сабота против Селта во Виго, ќе го надмине тој рекорд за четири дена.
Модриќ веќе има неколку клупски рекорди на Реал Мадрид. Уште минатата сезона го надмина рекордот на Пушкаш како најстар играч во Лигата на шампиони. Пушкаш во Купот на Европски шампиони играл со 38 години и 229 денови, а Модриќ веќе има 39 години и уште е дел од ЛШ со Реал.
Хрватскиот капитен е и рекордер по бројот на освоени трофеи во Кралскиот клуб со 27 радости, меѓу кои се и шест титули во Лигата на шампиони, четири трофеи во шпанското првенство и два Кралски купа. За Реал вкупно има одиграно 546 натпревари и постигнал 39 голови и 88 асистенции.