Вака се сака Македонија: Километрите и далечината не се пречка да се бодри својата репрезентација (Фото)

Фудбалската репрезентација на Македонија имаше октомври прозорец како од соништата и со две победи речиси со две нозе е во дивизијата „Б“ на Лигата на нации, а со тоа и многу блиску до баражот за пласман на Светското првенство.

Дел од победите во Рига и Ереван беа и македонските навивачи, а двајца од нив, таткото Синиша и синот Никола, сменија неколку авиони за да стигнат од Скопје во Летонија и Ерменија и да ѝ дадат поддршка на Македонија, на како што велат, најубавите гостувања, кои донесоа успех за нашата репрезентација.

„Вредеше да се заврти Европа надолж и попреку за нашиот национален тим. После авантурата на Фарски Острови и после многу важната победа над Ерменија во Скопје, летнавме преку големиот Берлин за Рига, Летонија, полни со надеж и верба дека дојде времето да добиеме натпревар во гости. Всушност бевме доста сигурни дека ќе ги победиме летонците. Полека одејќи кон стадионот нашата вербата растеше и се зголемуваше. Сите видовме како просто ги прегазивме и разбивме летонците. Огромна беше нашата радост! Посебно чувство е да ја слушаш националната химна на гостински терен, да ја пееш гласно на стадионот, да се знае кој и од каде дошол да се натпреварува. Кој не го почувствувал тоа, треба да го искуси тој момент. Синот цврсто ме стискаше за рака на секој наш напад и во неговите очи видов силна волја и желба за победа која на крај и се оствари. Едноставно имаше премногу емоции, одлична атмосфера на трибината помеѓу македонските навивачи и најзначајното, храбра игра на нашите репрезентативци. Денес, кога сите научија да играат фудбал, овие 0:3 во Рига се големи како планина.“ – го почнува разговорот Синиша Павлески веднаш после враќањето во Скопје.

Патот од Рига води кон Ереван, каде веројатно сите ќе бевме задоволни и со бод од мечот против Ерменија, но Македонија и тука победува за (речиси) сигурно прво место во групата.

„Осоколени после оваа значајна победа тргнавме за Ереван во Ерменија. Знаејќи ја важноста на натпреварот, мора да признаам дека бевме задоволни и со бод. Шетајќи по градот во боите на репрезентацијата бевме застанувани од минувачите и прашувани за натпреварот што следува. Мирен народ, без проблеми, слични на нас, со проблеми во опкружувањето, но со огромна желба да не победат, бидејќи им станавме некако ноќна мора. ‘Зарем повторно Македонија’, се запрашал нашиот ерменски пријател Михран после жрепката, седејќи со него раскажувавме случки од минатите натпревари, кој патем е колекционер на карти како и мене. Видов надеж во неговите очи, дека се надева дека ерменците може да не победат. Но, нашите играчи не мислеа така. Беа сигурни во себе, сигурни во победата. Се виде тоа уште пред почетокот на натпреварот, на загревањето и во разговорите со нив. Сите беа сигурни дека ќе го освоиме првото место во групата. Натпреварот го зачинивме со 2 гола кои донесоа катарза, радост и песна на трибината за гостински навивачи, кои додуша беа десетина, но и тоа е одлично. Така поминаа уште две тешки гостувања, на кои македонската репрезентација помина како брз воз, со 5 голови и без ниту еден примен гол. Нашето чувство за репрезентацијата само се зголеми, нашата поддршка стана уште посилна. Ја следам насекаде репрезентацијата, дома и во гости, во последно време заедно со мојот син, и горди сме на тоа. Едно од најдобрите доживувања е да се следи својата фудбалска репрезентација на гостински терен, да им се даде важната поддршка, со гласно навивање и аплаузи. Напред Македонија!“ – додава Синиша Павлески.

Последните два натпревари од групната фаза на Лигата на нациите, Македонија ќе ги одигра следниот месец, на домашен терен против Фарските Острови и Летонија, а нема сомнеж дека тоа ќе биде пред преполни трибини на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести