Хрватската фудбалска репрезентација одигра 3:3 на гостувањето кај Полска во меч од Лигата на нации, меч по кој Коцкестите останаа во трка за првото место на кое е Португалија. Хрватска водеше со 3:1, но не успеа да ја сочува оваа предност и на крајот дуелот заврши нерешено.
Во последните 15-тина минути Хрватска беше и со играч помалку, откако црвен картон доби голманот Доминик Ливаковиќ. По завршување на дуелот, капитенот на Хрватска Лука Модриќ беше разочаран.
„Не сакам да зборувам за судијата. Ливи ја исфрли топката, можеби во продолжение на акцијата го удри Левандовски, но тоа според мене не е за црвен картон. Сепак, морам да ја видам снимката за подобро да искоментирам. Меѓутоа, имаше многу ситуации во кои судијата можеше подобро да суди. Го познавам тој судија од шпанската лига, навикнат сум на неговото судење. Сепак не сакам да трошам зборови за судијата. Штета што примивме гол пред крајот на првото полувреме. Ги вративме во игра. Да водевме со 3:1 на полувреме, сигурно ќе беше поинаку во вториот дел“, рече Модриќ.