Германскиот тренер, Томас Тухел, ќе биде новиот селектор на Англија, но тој нема веднаш да седне на клупата, туку функцијата ќе ја преземе од Ли Карсли на први јануари следната година.
Тухел денес ја имаше и првата прес-конференција како селектор на „гордиот албион“ и одговараше на незгодните прашања на англиските новинари. Едно од нив се однесуваше на пеењето на англиската химна.
„Колку што сфатив, тоа е лична одлука. Некои ја пеат химната, некои не. Англиската химна е посебна. Ја почувствував атмосферата на Вембли кога бев дел од финалето на ФА купот. Во секој случај, ќе покажам почит кон химната и кон мојата нова функција и државата која ја претставувам.“ – вели Тухел.
Дел од англиските навивачи не се задоволни од неговото назначување за селектор, но германецот имаше порака и до нив.
„На незадоволните навивачи можам да им порачам дека ми е жал што имам германско државјанство. Можеби некои од нив ја имаат почувствувано мојата страст на натпреварите во Премиер лигата. Сакам да живеам и работам во Англија и горд сум што сум селектор. Се надевам дека тоа ќе го покажам и на натпреварите.“ – додаде Тухел.