Напаѓачот на белгиската репрезентација, Ромелу Лукаку, отворено проговори за еден од најлошите натпревари во неговата кариера. Тоа беше дуелот од групната фаза на Светското првенство 2022 против Хрватска, меч кој заврши без голови, а токму Лукаку успеа да промаши четири неверојатни шанси за гол.
Тоа значеше елиминација за Белгија, а Хрватска и Мароко продолжија понатаму.
„Имавме три дена да се подготвиме за натпреварот со Хрватска. Тоа беа моите први тренинзи по три месеци пауза. Знаев дека ќе бидам во првата екипа бидејќи му требав на тренерот. Игравме против Хрватска, беше 0-0, влегов во игра и сите знаете – промашив четири шанси. Така одлучил Бог. Бев фрустриран, ги искршив прозорците во соблекувалната. Никогаш не се чувствував така во кариерата. Бев на одмор седум дена и секој ден плачев. Бев скршен и физички и психички. Морам да му заблагодарам на Тјери Анри, кој ми се јавуваше трипати дневно да ме праша како сум. Тој го живее фудбалот и знае сè за него. До крајот на Светското првенство не гледав ниту еден меч“, вели Лукаку.