Ракометна треска во Охрид пред првиот европски меч по седум години

Охриѓани се враќаат на европската ракометна мапа по пауза од седум години. Натпреварот од Европскиот куп против романскиот тим Потаиса Турда в сабота од 19 часот се најавува како голем ракометен празник во градот.

Dj Face ќе се погрижи да има добрa забава пред натпреварот, пред спортската сала „Билјанини Извори“ со почеток во 16 часот ќе биде отворена фан зоната, а во нејзини рамки ќе биде отворен и фан шоп каде што ќе можат да се купат дресови, маици, шалови, приврзоци и други брендирани сувенири со логото на ГРК Охрид.

Ракометниот клуб Охрид денеска одржа и прес-конференција на која тренерот Стевче Алушовски ги изнесе своите очекувања.

„Немавме среќа во ждрепката, но ова е награда за добрата работа во минатата сезона. Успеавме по седум години да го вратиме Охрид на европскта ракометна мапа. Турда е една од водечките екипи во романското првенство, составена е од квалитетни романски репрезентативци и интернационалци. Имаме многу сознанија и видеоматеријали, ги анализираме, и тие имаат слабости, добро се подготвуваме. Ниту се плашиме, ниту ги преценуваме, ниту ги потценуваме. Турда има поголемо искуство од играње во Европа и затоа тие се фаворити. Ова е двомеч од две полувремиња, првото полувреме е тука во Охрид и затоа ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број, а на крајот се надеваме дека по второто полувреме во Романија ние ќе бидеме тие што ќе се радуваат“, рече Алушовски.

- Оглас -

Најнови вести