Чаби Алонсо минатото лето одби понуди од Ливерпул и од Баерн Минхен и реши да остане на клупата на Баер Леверкузен, со кого минатата сезона ја освои историската титула шампион на Германија. Наводно, тоа го направил за да може следната година да ја преземе клупата на Реал Мадрид, но сега по него тргна и актуелниот англиски шампион Манчестер сити, кој бара замена за Пеп Гвардиола.
Чаби Алонсо би можело да стане новиот менаџер на Манчестер сити, што би било изненадувачки потег. Раководството на Граѓаните веќе бара замена за Гвардиола, кој најави заминување, а потрагата ќе се забрза штом Шпанецот официјално ќе потврди дека си оди од клубот.
Феноменалниот Чаби Алонсо е потенцијалниот човек кој би можело да го замени. Англиските медиуми тврдат дека Манчестер сити сериозно се интересира за него.
„Манчестер сити е заинтересиран за Чаби Алонсо како нивен нареден менаџер“, пишува „Атлетик“.
Понудата за 42-годишниот Алонсо речиси сигурно ќе пристигне од Манчестер, а се очекува да биде многу примамлива. Останува да се види каква одлука ќе донесе Шпанецот.
Минатото лето, и покрај големите финансиски понуди, Чаби Алонсо ги одби Ливерпул и Баерн Минхен, им се заблагодари за интересот и остана во Баер Леверкузен, кој го одведе до првата титула шампион во историјата на клубот.