На есенскиот фитнес семинар за главни и асистенти судии, кој Фудбалската федерација на Македонија го организираше минатата недела, за првпат во фудбалската историја воопшто беше спроведен комплетно автоматизиран тест кој интегрира високо интензивно трчање со донесување и анализа на судиска одлука.
Тестот кој беше имплементиран всушност е иновација во фудбалското судење. Судиите кои беа дел од семинарот станаа пионери во користењето технологија, која дополнително ќе им помогне за подобро донесување одлуки во клучните моменти од натпреварите.
Во овој комплексен тест, кој опфаќа звучни сигнали, видеоклипови, апликација за донесување и анализа на одлука, прецизно движење во терен и други фактори, комплетно е отстрането човековото влијание.
Судиите како и на натпревар потребно е навремено и оптимално да се позиционираат по одреден полигон до поставените екрани за да имаат можност да го видат видеото (инцидентот) кое автоматски стартува на одреден временски интервал.
По краткото видео кое се прикажува само еднаш, судиите е потребно во два наврати да донесат одлука: првично преку мобилна апликација (која беше развивана во последните 15 месеци тука во Македонија и сега е надградена со дополнителни аналитички функции и се користи за потребите на УЕФА) со инстантни повратни информации и вторпат користејќи ги картоните, реплицирајќи го процесот за време на вистински натпревар.
Сите одлуки се анализираат во рок од неколку минути по завршувањето на тестот, обезбедувајќи детален резултат на точни одговори за секој судија, придружени со соодветните видеоклипови. Видеоклиповите со поголем процент на неточни одговори веднаш се прегледуваат со технички инструктори и се дискутираат со судиите.
Фудбалската Федерација на Македонија преку националниот фитнес тренер интензивно учествуваше во УЕФА за креирањето на овој вид тестирање, кое претставува најсовремена алатка за проценка на способноста на фудбалските судии за донесување правилна одлука под притисок.
На крајот, најважни се коментарите од нашите судии „Ова е точно она што ни треба“, „Најверојатно ова е иднината на судиските тренинзи“!