Вечер се игра дербито Работнички – МЗТ: победата е најслатка, поразот боли двојно

Третото коло во првата кошаркарска лига на Македонија е во знакот на „вечното дерби“ помеѓу скопските ривали Работнички и МЗТ Скопје Адеродром, а мечот е закажан за вечерва од 18 часот во салата на СРЦ „Кале“, ќе има и директен пренос на МРТ3.

Улогата на домаќин ја има Работнички, улогата на фаворит за победа ја има МЗТ, но безброј пати се покажало дека не секогаш победува подобриот и поскап тим на хартија, туку пресудуваат и други фактори како мотивацијата.

Овој дуел доаѓа во незгоден момент за првакот кој има минисерија од два тесни гостински порази по ред, прво во Загреб од Цедевита Јуниор во АБА 2 лигата, а потоа и во Битола, каде за еден поен подобар од нив беше Пелистер.

Од друга страна, Работнички ги доби првите две кола, центарци имаат два порази во АБА 2, и ова дерби им е вистински тест. Проблем за Работнички е заминувањето на некои странци, па и ротацијата во тимот на Горан Самарџиев е скратена.

- Оглас -

Најнови вести