Хари Кејн хет-трик шоу во Минхен, Арсенал прв пат загуби сезонава во Англија

Арсенал направи кикс во трката за водечките позиции во Премиер лигата, откако загуби на гостувањето кај Борнмут со 2:0. За Топчиите ова е прв пораз сезонава во Премиер лигата и остана на 17 бодови, па Ливерпул и Манчестер сити утре ќе имаат можност да избегаат напред.

Повеќе од еден час Арсенал играше со фудбалер помалку, откако директен црвен картон заработи Салиба. Гостите парираа и со играч помалку се до 70 минута, кога Борнмут даде гол за водство од 1:0. Сите дилеми околу победникот беа решени девет минути подоцка кога Клајверт со погодок од пенал зголеми на 2:0 и тогаш беше јасно дека фаворизираните гости ќе си заминат без бодови.

За разлика од Арсенал, во германската Бундеслига, најтрофејниот Баерн Минхен немаше проблеми и на „Алијанц Арена“ го победи Штутгарт со 4:0. Отпорот на гостите траеше речиси еден час, а потоа следуваше шоу на Хари Кејн.

Најдобриот голгетер на Баерн Минхен во период од четири минути постигна два гола и баварците имаа 2:0 по 61 минута игра. Комплетирањето на хет-трикот на англискиот репрезентативец се случи во 80 минута кога погоди за 3:0. Конечните 4:0 ги постави Кинсли Коман со погодок во 88 минута.

По оваа победа Баерн има 17 бодови и е лидер на табелата, а со 17 бодови е и Лајпциг.

- Оглас -

Најнови вести