МЗТ Скопје доминантен против Работнички, навивачките групи црна дамка на вечното дерби

МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш покажа дека е чекор пред Работнички, откако убедливо со 70:56 победи во вечното дерби. За актуелниот кошаркарски првак ова беше 11-та победа во последните 12 дуели против големиот ривал.

Уште во првата четвртина беа решени сите дилеми околу победникот. При резултат 6:6, МЗТ направи фантастична серија од 22:0. Цели осум минути играчите на Работнички не можеа да постигнат ниту еден поен.

На почетокот на втората четвртина се случи немилиот настан во СРЦ „Кале“. Навивачите од трибините започнаа да фрлаа петарди и други опасни пиротехнички средства, па судиите решија средбата да биде прекината. Долго траеше прекинот, а одлуката на арбитрите беше дека дербито може да продолжи само ако бидат избркани оние кои го предизвикаа инцидентот. Така и беше, дербито продолжи без верните навивачи на двата тима.

И без навивачите, ситуацијата на теренот не се смени. Аеродромци ја чуваа убедливата предност, а на пет минути пред крајот МЗТ водеше и со 23 разлика (66:43). Во финишот на дуелот, Работнички стигна на пристојни 14 поени разлика.

Во останатите мечеви кои се играа денеска: ТФТ Скопје – Кожув 79:77, Вардар – Феникс 2010 72:77, Тиквеш – Гостивар 80:75 и Чаир 2030 – Шкупи Скопје 98:80.

 

- Оглас -

Најнови вести