Победата од 31-25 со право му дава надеж на ГРК Охрид дека може да го елиминира романскиот Потаиса Турда, но ќе треба да се одигра и реваншот.
„Сакам да им честитам на моите играчи за победата, но ова е само прво полувреме, следи реванш. Многу работи во нападот не беа испочитувани, во одбрана бевме коректни, мечот го почнавме во грч не знам зошто. Оваа екипа има голем потенцијал, но не го покажува тоа, барем според кои критериуми, треба да има поголема верба во себе. Некој да ни понудеше 6 разлика пред мечот, ќе прифатевме со две раце. Можевме да победиме и со поголема разлика, тие не одиграа ништо ново. Задоволен сум, очекувам интересен реванш, нема да ја браниме разликата и се надевам дека на крај ќе се радуваме“ – рече тренерот Стевче Алушовски.
Крилото Гоце Ојлески гостувал кај Турда и вели дека тоа е жежок терен.
„Некогаш и 10 гола разлика не се доволни. Задоволен сум, одигравме борбено, машки. Можеше да биде и поубедливо, во последна секунда примивме гол. Сум играл во Романија, сум играл на гости кај нив, имаат жежок терен, најголемо оружје им е домашниот терен. Треба добро да се подготвиме. Нема што да се плашиме, одиме да се надигруваме, имаме квалитет и искуство“, смета Ојлески.