Еден од најинтересните тикети уплатени на мечеви кои се играа изминатиов викенд е тој од Чаир, на којшто има наредено 20 пара. Сите мечеви се одиграа во саботата и неделата, а уплатата е само 50 денари.
Едноставна игра на фиксови, и тоа одиграно на сите фаворити, се покажа како вистинска формула за добивка. Сепак, обложувачот кој чекаше добивка од 574.131 денари реши да не ризикува до крајот.
По завршување на дербито меѓу Ливерпул и Челзи, на кое тимот од „Енфилд роуд“ победи со 2:1, а и среќата која го послужи на дуелот Вулверхемптон – Манчестер сити, на кој гостите победија со погодок во 90+5 минута, обложувачот реши дека е доста.
Погодени беа 19 пара, остануваше само да се чека шпанската пресметка меѓу Барселона и Севилја. Одиграно беше на победа на каталонскиот гигант, но очигледно обложувачот не сакал да ризикува.
Решил да ја искористи опцијата Cash out и да има сигурни 385.749 денари уште пред да почне дуелот во Барселона. На негова жал, Барселона не киксира, туку беше убедлива и со 5:1 славеше над Севилја, што значи дека тикетот ќе биде добитен и со 20 од 20 пара. Во тој случај, добивката ќе беше 574.131 денари.
Едноставно, секогаш е голема дилемата дали да се ризикува до крајот или да се искористи опцијата за предвремено повлекување на добивката пред одигрување на некои од средбите.