Фудбалерите на Шахтар патувале 13 часа до Лондон

Тренерот на украинскиот клуб Шахтар Донецк, Марино Пушиќ, со новинарите во Лондон сподели дека тимот патувал 13 часа од Киев за натпреварот против Арсенал во Лигата на шампионите, но има цел да се бори, а не да се жали. Натпреварот од третото коло во групната фаза на ЛШ се игра вечерва, на „Емирати“, од 21 часот.

Шахтар е базиран во Киев поради воената агресија на Русија врз Украина, а за да стигнат до Лондон, играчите морале да патуваат со автобус до Полска, од каде што летале до Англија. Пушиќ изјави дека тимот го напуштил Киев во петокот, направил тренинг во Лвов и продолжил кон Полска, од каде што во неделата стигнале до Лондон.

„Ова се фактите“, рече Пушиќ. „Ние не сме тука да се жалиме, туку да се натпреваруваме. Ги играме сите наши натпревари далеку од дома, но сме многу мотивирани и психички подготвени“, истакна тренерот на украинскиот тим.

Шахаор Донецк ги игра своите домашни натпревари во Лигата на шампионите на стадионот на Шалке 04 во Германија бидејќи од февруари 2022 година сите украински тимови се принудени да играат надвор од својата земја.

- Оглас -

Најнови вести