Алкалоид го совлада Еурофарм Пелистер со 32-25 и остана единствен тим со максимачен учинок од осум победи во ракометната Суперлига на Македонија после осум кола.
За актуелниот првак ова е втор пораз сезонава, откако загубија и од Вардар 1961 во Скопје.
Многу лоша вест за тимот на тренерот Кирил Лазаров е повредата на крилото Никола Костески (даде 5 гола) кој на носила беше изнесен од терен и не изгледаше добро неговата лева нога. Лекарските прегледи ќе покажат за каква повреда станува збор, но не е исклучено Никола да има подолга пауза и да не игра ни на Светското првенство во јануари.
Алкалоид вечерва на дербито во салата во „Автокоманда“ ниту еднаш не беше во резултатска негатива, битолчани само еднаш (кога беше 6-6) изедначија. По првото полувреме беше 16-12, а во вториот дел предноста на Фармацевтите постојано беше над два голови разлика, отиде и на плус осум (30-22), и победата не им беше доведена под прашање.
Филип Кузмановски даде 12 од 25-те голови за пелистерци, и не можеше сам против ривалот во чии редови има повеќе расположени поединци. Мартин Серафимов со 8 голови беше прв стрелец во победничкиот тим.