Барселона го декласира Баерн Минхен со 4-1, а херој на победата беше Бразилецот Рафиња кој на овој натпревар од Лигата на шампионите ја носеше и капитенската лента. Тој погоди веќе во првата минута кога доби одлична топка, излезе сам пред Нојер, го мина и ја затресе мрежата на Баерн, најавувајќи ја блескавата вечер на Барса.
Израмни Хари Кејн во 18-та минута, но Левандовски и Рафиња до крајот на првиот дел постигнаа уште два гола за Барселона. Бразилецот Рафиња го зачини одличниот настап со хет-трик, постигувајќи гол и во второто полувреме.
Ливерпул го победи Лајпциг на гости во Германија со 0-1, со голот на Дарвин Нуњез во 29-та минута. Елиф Елмас доби шанса во 86-та минута на местото на Хаидара.
Славје во Салцбург за Стефан Ристовски и за Аријан Адеми. Динамо Загреб победи против австрискиот тим со 0-2, со головите на Куленовиќ и на Петковиќ. Асистент на двата гола беше Стефан Ристовски.
Интер во судиското продолжение го скрши отпорот на Јанг Бојс и победи со 0-1, а стрелец на голот беше Маркус Турам, откако Марко Арнаутовиќ не реализира пенал на почетокот на вториот дел.
Лил го шокираше Атлетико Мадрид на гости победувајќи со 1-3, а со идентичен резултат и Феенорд славеше против Бенфика во Лисабон.
Манчестер сити имаше лесна задача и со 5-0 го победи составот на Спарта Прага на „Етихад“. Ерлинг Халанд беше двоен стрелец за Граѓаните.