Баерн со 9:2 го победи Динамо, но хрватскиот тим е пред Баварците на табелата во ЛШ, каде што доминираат англиските екипи

По комплетирањето на третото коло во новиот формат од Лигата на шампионите, табелата делува по малку необично. Астон вила, која повеќе од 40 години не била дел од елитното европско друштво, е лидер на 36-те екипи. Тимот од Бирмингам има максимални девет бода и уште нема примено ниту еден гол.

Зад Астон вила следуваат уште два клуба од Премиер лигата. Ливерпул исто така е перфектен со девет бода, а Манчестер сити е трет со седум бода. Место во Топ 8 за екипите кои ќе обезбедат директно место меѓу најдобрите 16 има и за француските екипи Монако и Брест, за германскиот првак Баер Леверкузен, за италијанскиот шампион Интер и за португалскиот Спортинг Лисабон. Необично делува меѓу најдобрите да нема ниту една екипа од Шпанија.

Екипите кои се од деветтата до 24-тата позиција ќе играат во плејофот за влез во осминафиналето, а тука се најголем дел од европските гиганти. Сепак, има и такви фаворити кои се во долниот дел од табелата, односно меѓу оние кои би испаднале од ЛШ.

Милан е на 25-тото место кое носи елиминација, а уште послаб е Атлетико Мадрид, кој е на 27-мото место, и Лајпциг на 31-вата позиција. Интересно е дека Баерн Минхен има само три бода и е на 23-тото место на табелата, а пред германскиот гигант е Динамо Загреб, кој досега освои четири бода. Во првото коло токму Баерн испиша историја откако со рекордна победа од 9:2 го победи Динамо, но сега хрватскиот првак е подобро пласиран од европскиот гигант.

- Оглас -

Најнови вести