Со Филип на чело, МЗТ Скопје стана најтрофеен во Македонија: Ѓоревски во обид да стигнеме до хет-трик на добитни тикети

МЗТ Скопје Аеродром повеќе од една деценија е една од најдоминантните екипи на клупската спортска сцена во Македонија. Од 2012 година досега, аеродромци доминираат во домашната кошарка, а единствено не беа шампиони во 2018 година.

Во сите останати сезони, трофејот завршуваше во витрините во салата „Јане Сандански“. Освен во првенството, МЗТ има и 12 трофеи во Купот, како и седум титули во Суперкупот, па гордо може да се пофали дека е најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија.

СО КЛУБОТ БЕШЕ И КОГА БЕШЕ НАЈТЕШКО, ЗАЕДНО ИЗДРЖАА И СЕГА СЕ ЖНЕАТ ТРОФЕИТЕ

Речиси три години на чело на МЗТ Скопје Аеродром е Филип Ѓоревски. Тоа е човек кој од мали нозе започнал да тренира во клубот од Аеродром, потоа стана и капитен на теренот, беше дел и од најтешките денови, кога во 2009 година се закануваше дури и гаснење на клубот, но ниту Ѓоревски ниту МЗТ не се откажаа.

По завршување на играчката кариера, неколку години работеше како главен координатор во младинската школа, а сега е предвоник како генерален извршен директор на најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија.

„МЗТ Скопје Аеродром е бренд и успешна спортска приказна која продолжува да трае. Тоа е клубот кој е белег на најголемата општина во Скопје, па на сите нам кои работиме во него основна цел ни е да ја продолжиме традицијата да се освојувааат трофеи. Оваа сезона добро ја започнавме и го одбранивме пехарот во Супер купот, но, секако, тоа е само почеток на тоа што треба да следува. Не ги криеме амбициите и оваа сезона да издоминираме и да ги освоиме и трофеите во првенството и во Купот на Македонија“, вели Ѓоревски.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ Е БАЗАТА НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, НЕМА ПРЕДАВАЊЕ ВО АБА-ЛИГАТА

Актуелниот првак е и носител на македонската репрезентација затоа што во составот има неколкумина играчи кои се дел од националната селекција. Освен на домашна сцена, аеродромци веруваат дека и во регионалната АБА-лига ќе имаат успех, иако не започнаа најдобро и имаат два несреќни пораза во првите три кола.

„Македонските кошаркари се основата на МЗТ. Во составот имаме 7-8 играчи кои се дел од репрезентативниот список, па затоа МЗТ не е носител само на клупската кошарка кај нас, туку и на репрезентативната. Секако дека освен трофеите во Македонија, во фокус се и настапите во АБА-лигата. За жал, загубивме два меча кои едноставно требаше да ги добиеме, па ситуацијата малку се искомплицира. Сепак, верувам дека имаме сили да се вратиме во игра за првите две позиции и да ја поминеме групата, а потоа да атакуваме и за влез во АБА 1, која е четврта најсилна лига во Европа“, оптимист е првиот човек на клубот.

МЛАДИНСКАТА ШКОЛА ТРЕБА ДА ДАДЕ НЕКОИ ИДНИ ПРВОТИМЦИ, СЕ ЧЕКА ОТВОРАЊЕ НА ФАН-ШОПОТ

Аеродром е позната како општина во која децата ја сакаат кошарката, а младинската школа на МЗТ треба да ги одбере најдобрите кои во иднина би требало да прераснат и во играчи кои би биле дел од сениорскиот состав.

„Работиме на стабилизација на младинската школа. Потенцијал има, но секако треба многу да се работи за да се стигне до првиот тим. Освен на теренот, МЗТ е активен и во делот на маркетингот. Се чека во најскоро време да биде отворен фан-шопот во комплексот Џеваир, каде што сите навивачи ќе може да си купат реквизити, сувенири, маички, дресови и сè што е поврзано со клубот“, открива Ѓоревски.

Освен кошарката, Ѓоревски е спортски тип кој ги следи и другите спортови. Навива за Интер, не се обложува, но кога се работи за хуманитарен тикет, се надева дека ќе ја продолжи низата која ја започна кошаркарскиот тренер Емил Рајковиќ со погодениот тикет пред две недели, а минатиот петок ја продолжи и фудбалскиот репрезентативец Игор Алексовски.

„Следам фудбал кога имам слободно време. Интер ми е омилен клуб. Тоа е клуб на чиј дрес доминира сината боја, боја која е препознатлива и за МЗТ Скопје Аеродром. Не се обложувам, но ќе се обидам да направам добар тикет, па евентуалната добивка да ја донираме на оние на кои им е најпотребна“, заврши извршниот директор на МЗТ, Филип Ѓоревски.

- Оглас -

Најнови вести