Хумелс долго бираше, потпиша за Рома пред неполни два месеца, а уште нема играно за Волчицата

Искусниот германски дефанзивец Матс Хумелс цело лето се мислеше за кој клуб да потпише, конечно на втори септември стана играч на Рома, но оттогаш поминаа речиси два месеца, а Хумелс уште нема заиграно за Волчицата.

„Моја е одговорноста што Матс не игра. Го гледам како замена за Ндика. Ќе ја добие својата шанса“, рече тренерот Иван Јуриќ.

Хумелс има 35 години, беше светски првак со Германија пред 10 години, во минатата сезона со Борусија Дортмунд дојде до финалето на Лигата на шампионите, познат е како одличен одбранбен играч, па ваквата изјава на Јуриќ некои ја сметаат како непочитување на германската легенда.

Во текот на вчерашниот ден Хумелс најавуваше дека може да го има своето деби за Рома, но и покрај неговите очекувања да влезе во игра, остана на клупата. Досега Хумелс на седум меча беше во составот, но секогаш остана меѓу неискористените резерви кои не влегоа на теренот.

- Оглас -

Најнови вести