Алкалоид и ГРК Охрид со солидна залиха ќе ги почнат реваншите во ЕХФ купот

Македонските ракометни клубови Алкалоид и Охрид денеска ги играат реванш натпреварите од ЕХФ купот против Клаипеда и против Турда.

Алкалоид во литванскиот град Клаипеда од 15 часот ќе се обиде да стигне до својата прва европска победа на гостински терен откако на првиот меч во Скопје славеше убедлива победа од 11 гола разлика (42-31).

„Внимателен сум, затоа што публиката во Автокоманда, виде, имаме за противник екипа што сака да игра, сака да се наттрчува цел натпревар. Анализиравме и видовме дека во 48 минута беше само шест разлика, а во 54 беше 13 разлика. Можеше да биде поинаку, можеби малку е нереален резултатот. Ќе биде доста неизвесно на реваншот, посакуваме победа, но ќе мораме да ја заслужиме. Ќе треба добро да се испотиме за да победиме, а тоа нема да биде едноставно, затоа што за шест дена играме трет силен натпревар, а имавме и долго патување. Момците се подготвени, но и се исцрпени, затоа што одиграа два одлични натпревари и малку се емотивно истрошени по радоста што ја имаа по двете средби“, изјави Кире Лазаров, тренерот на Алкалоид.

Тренерот на ГРК Охрид, Стевче Алушовски, го најави претстојниот реванш против Потаиса Турда кој се игра од 17 часот во Романија. Охриѓани во првиот натпревар пред своите гледачи славеа победа со шест голови разлика (31-25).

„Екипата е здрава и сите се подготвени за мечот со Турда. Имаме мали проблеми со Крстевски, но тоа е логично после толку долго патување. И претходно реков дека ако ми понудеа победа со шест разлика, ќе ја прифатев со две раце. Тоа не е мала предност, но ова се елиминациски мечеви и мораме да сме максимално фокусирани. Можеби ќе се обидат тактички да нѐ изненадат, па затоа правиме целосна анализа на нивната игра. Имаме доволно квалитет и искусни играчи кои можат да одговорат на овој предизвик. Мотивирани сме и се надевам дека тоа ќе биде доволно за да се радуваме на крајот од натпреварот“, изјави Алушовски.

- Оглас -

Најнови вести