Во првиот меч на Лос Анџелес лејкерс во новата сезона во НБА лигата беше испишан историски момоент. За прв пат во најсилната кошаркарска лига во светот на еден натпревар во ист тим на теренот беа татко и син.
Легендарниот Леброн Џејмс и неговиот син Брони Џејмс (20 години) заиграа заедно во победата над Минесота од 110:103. Вкупно две минути и 41 секунда на теренот помина Брони Џејмс кој не успеа да постигне ниту еден поен, а имаше два шута од поле. Тие 161 секунди беа доволни за семејството Џејмс да се запише во историјата на НБА лигата, но очигледно толку ќе биде од НБА кариерата на младиот Брони.
Синот на Леброн, е префрлен во екипата на Саут Беј Лејкерс која игра во Г развојната лига. Целта на овој трансфер е Брони дополнително да зајакне и да стекне искуство, па можеби некогаш повторно ќе биде дел од НБА лигата.
„Точно е. Брони ја менува НБА за Г-лигата. Тоа беше и планот уште од самиот старт“, рече тренерот на Лејкерс, Џеј Џеј Редик.