Прв пат е стартер во Премиер лига, а билансот му е: си даде автогол, направи пенал и на крај доби црвен картон

Најинтересниот меч попладнево во Премиер лигата го одиграа Брентфорд и Ипсвич, а на крајот домаќините победија со 4:3. Гостите одлично започнаа и поведоа со 2:0, но Брентфорд не се предаде и стигна до 2:2 на полувремето. На почетокот од вториот дел домаќините поведоа со 3:2, а Ипсвич израмни на 3:3 во 86 минута. Сепак, тука не беше крајот на возбудувањата и Брентфорд со гол во 90+6 минута стигна до победа од 4:3.

Главен играч на натпреварот беше дефанзивецот на Ипсвич, Хари Кларк. Овој 23-годишен играч, прв пат во кариерата доби шанса да биде стартер на средба од Премиер лигата и воопшто не се прослави.

Кларк прво си постигна автогол во 45 минута кога Брентфорд израмни на 2:2. На почетокот од второто полувреме Кларк направи пенал, а Брентфорд тогаш поведе со 3:2. Круна на очајната игра беше 69 минута кога Кларк доби втор жолт картон, што автоматски значеше и црвен и негово исклучување од игра.

Ова е само втор пат во историјата на Премиер лигата играч на еден меч да си даде автогол, да направи пенал и да биде исклучен. Тоа претходно „му успеало“ само на Јан Бендерк од Саутемптон на дуелот против Манчестер јунајтед во февруари 2021 година. Сепак, „подвигот“ на Кларк е полегендарен затоа што тоа му успеа во дебито како стартер на натпревар во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести