Левандовски: Оваа победа ќе ни даде уште поголема самодоверба

Напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски, одигра клучна улога во убедливата победа над Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ со 0-4. Полскиот интернационалец ги постигна првите два гола на натпреварот и пропушти уште неколку добри шанси.


Според него, ова е многу важна победа за Каталонците, која ќе им даде дополнителна самодоверба во иднина.

„Среќни сме поради победата. Да победиме на ваков начин е нешто посебно. Важно беше да победиме токму сега. Ова ќе ни даде можност да прославиме неколку дена. Сезоната е долга, но оваа победа ќе ни помогне да стекнеме уште поголема самодоверба. Сѐ уште немаме освоено ништо, но поважно е што сега имаме јасна идеја за тоа каде сме тргнати. Мислам дека игравме одлично, и во одбрана и во напад“, изјави Левандовски.

„Сите се движиме во иста насока и затоа е лесно да постигнуваме голови. Секогаш се трудам да ја завршам својата работа добро. Кога сум поблиску до голот, полесно е да постигнам гол. Важно е како играме. Секој тренер има своја идеја. Во мојата прва сезона освоивме трофеи, но не секогаш работите се одвиваа најдобро. Сепак, оваа сезона знаеме каде одиме и ќе продолжиме напред со јасна визија. Ќе уживаме во овој успех, но многу брзо нѐ очекува нов тежок натпревар“, додаде Полјакот.

- Оглас -

Најнови вести