Саинц: Имав потреба од оваа победа во Мексико

Карлос Саинц триумфира на трката за Големата награда на Мексико Сити стигнувајќи до својата втора победа во сезоната во Формула 1.

Карлос Саинц славеше во Мексико, додека повторно имаше драма меѓу Ферстапен и Норис. По завршувањето на трката, Шпанецот изјави дека му била потребна оваа победа за да го заврши својот престој во Ферари со успех.


Тој ја истакна и неверојатната публика на „Ерманос Родригес“, која му „даде сила“ за да има успешен викенд, во кој победи и во квалификациите и на самата трка.

Трката не започна најдобро за него откако го загуби првото место од Макс Ферстапен. Сепак, пилотот на Ферари се врати на првата позиција со напад во третиот круг по рестартот и повеќе не се сврте назад.

„Благодарам Мексико, неверојатно е да се види оваа публика, ја чувствував поддршката во текот на целата недела. Мислам дека имам база на фанови тука во Мексико, која ми даде сила да го направам ова. Навистина ја сакав оваа победа. Си реков дека сакам уште една победа со Ферари и да ја постигнам овде, пред оваа публика, навистина е посебно. Остануваат уште четири трки и сакам да уживам во нив колку што е можно повеќе. Ако се појават нови шанси, ќе се обидам да ги искористам“, изјави Саинц.

Зборуваше и за моментот кога успеа да го мине Макс Ферстапен и да го врати првото место кое го загуби на стартот на трката.

„Не го подготвив нападот против Макс однапред. Едноставно бев разочаран од стартот, кога го изгубив првото место од него и си реков дека морам некако да го изненадам бидејќи е многу тежок за престигнување. Тоа го докажал многупати. Бев прилично далеку, но си реков дека немам што да изгубам и нападнав од внатрешната страна на првиот свиок. Целиот викенд бев многу самоуверен при кочењето за првиот свиок“, објасни Сајнц.

- Оглас -

Најнови вести