Барселона го победи Реал Мадрид со 4-0 како гостин во Ел Класико, а натпреварот беше одбележан со огромен број офсајди на домашните играчи. Шпанскиот весник „Марка“ на иновативен начин преку фотографија го илустрира текот на настаните на теренот.
На фотографијата, тренерите на двата тима, Ханси Флик и Карло Анчелоти, се прикажани покрај аут-линијата, а „Марка“ постави „ВАР-линија“ меѓу нив, при што италијанскиот тренер е означен во офсајд – јасна алузија на тоа што се случуваше на теренот, но и на тактичката надмоќ на германскиот тренер.
Килијан Мбапе беше предводник во офсајд-ситуациите, со два поништени гола. Реал беше фатен во офсајд осумпати само во првото полувреме, а Мбапе сам осумпати беше најблиску до голманот на Барселона.
Во првите 25 минути од натпреварот, Мбапе имаше пет допири со топката и сите петпати беше во офсајд. Ханси Флик ја задржа својата храбра стратегија со високо поставена одбранбена линија и во второто полувреме, што доведе Реал да заврши со 12 офсајди.
Со оваа победа, Барселона ја прекина серијата на Реал Мадрид од 42 натпревари без пораз во Ла Лига и 39 натпревари без пораз на домашен терен во сите натпреварувања. Каталонците сега имаат шест бода предност пред Реал Мадрид и се главни фаворити за титулата.