Австралискиот тенисер Ник Кирјос се појави во поткастот на Луј Теру и изрази неверување дека пирамидите во Египет ги граделе луѓе.
„Не, не мислам дека луѓе ги изградиле. Невозможно е. А ти веруваш?“, му рече Ник на Луј.
На одговорот од водителот дека дефинитивно верува и дека мисли дека превртувале огромни коцки преку трупци со тркала, Кирјос остана на својот став.
„Како е можно правилно да ги направиле сите мерења и сите блокови да се порамнети? И тоа го направиле со превртување на големи камења преку трупци, тоа е лудо тврдење. Зошто влезните врати се толку големи? Кој треба да помине низ вратите? Не знам кој ги изгради, само не мислам дека луѓето биле способни за тоа. Мислиш дека ние луѓето ги изградивме пирамидите? Ти си луд“, му рече Кирјос на Теру.
Кирјос, кој две години нема играно, не мисли на пензија, а ги закачка и своите колеги Рафаел Надал и Енди Мареј, кои се повлекуваат од тенисот по серија повреди.
„Кога сте освоиле сè, треба и малку пограциозно да го напуштите тенисот. Видов како Енди Мареј го направи тоа и како Рафаел Надал се откажа сега, не сакам да бидам таков. Не сакам со ползење да стигнам до целната линија”, вели Кирјос.