Во квалификациите за ЕП, Македонија без Филип Талески, веројатно и без Никола Митревски

Селекторот на машката ракометна сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, го објави списокот на повикани играчи за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2026 година, а на главната листа ги нема голманот Никола Митревски и бекот Филип Талески.

Во рамките на ЕХФ Неделата, нашата селекција ќе одигра два квалификациски натпревари против Естонија дома на 6 ноември и против Литванија на гости на 10 ноември. Со нас во групата е и фаворитот Словенија, со која силите ќе си ги одмериме во март следната година, а во мај се последните две кола по кои ќе се знае дали Македонија ќе учествува на ЕП 2026 (одат најдобрите два тима од групата) во Данска, Шведска и Норвешка.

Денеска почна продажбата на влезници за дуелот со Естонија во СЦ „Борис Трајковски“, кој се игра наредната среда, со почеток во 20 часот. Цената на билетите е 200 и 300 денари.

Собирот на македонската репрезентација е закажан за в недела, 3 ноември, хотел „Карпош“ во Скопје.

Лазаров повика 20-мина играчи, а осуммина се резерви и може да влетаат дополнително ако има потреба.

- Оглас -

Најнови вести